08.04.2024 Скопје
Претседателката на Европската комисија и кандидат на централнодесничарската Европска народна партија (ЕПП) за европските избори, Урсула фон дер Лајен, вети дека ќе им „одмазди“ на крајнодесничарските „пријатели на Путин“ во Европа кои сакаат да „ѝ ја киднапираат иднината“.
„Русија не се обидува само да ја избрише Украина од лицето на земјата. Руската агресија е поширока: таа со години презема хибридни напади врз Европа. Или преку сајбер напади или манипулација со социјалните медиуми или инструментализација на мигрантите“, рече фон дер Лајен за време на своето обраќање во Атина, каде што присуствуваше на 50-годишнината од формирањето на владејачката Нова демократија (членка на ЕПП).
Таа посочи дека „пријателите на Путин во Европа“ се обидуваат „да ја препишат историјата и да ја украдат иднината, или под маската на популисти или демагози“. Без разлика дали се работи за AfD во Германија, Националното собрание во Франција, Конфедерацијата во Полска или други. Можеби имињата се различни, но целта е иста: ги газат нашите вредности и сакаат да ни ја украдат иднината“.
Фон дер Лајен оцени дека Европа мора да ги зголеми трошоците за колективна одбрана.
„Бидејќи војната не е минато во Европа, соработката во областа на одбраната мора да биде карактеристика на иднината во Европа. И токму за тоа ќе се залагаме во оваа кампања“, рече Фон дер Лајен.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на прославата рече дека Европа нема простор за експериментирање, додавајќи дека во Грција економската криза траела подолго бидејќи „популизмот го спречил нејзиното заживување“.
Подготвено од А.Ѓ.