evropa mapa

18.04.2024 Скопје

Унгарската влада се подготвува за продолжен конфликт во Украина кој нема да заврши наскоро.

„Промената е негативна. Се наоѓаме во многу опасен период. Следните шест месеци ќе бидат одлучувачки во однос на тоа дали светот ќе се движи кон мир или војна“, изјави министерот Гергели Гуљас.

Високиот функционер додаде дека има повеќе лоши вести отколку добри и смета дека Европа ја очекува „повеќе војна, наместо помалку“.

„Воената треска се прошири од бирократите во Брисел до водечките политичари на континентот. Европските политичари велат дека ќе испратат свои војници во Украина, иако таквата изјава претходно се сметаше за црвена линија. НАТО досега само коментираше што се случува таму, но се уште не стана страна во конфликтот и ја отфрла можноста за интервенција поради ризикот од светска војна. Ако силите на НАТО се распоредат во Украина, тоа со себе носи ризик што треба да се избегне по секоја цена. Тоа е, засега, позицијата на Алијансата“, рече Гуљас.

Европската унија сака да создаде фонд од 100 милиони евра во рамките на мисијата на НАТО во Украина. Тие сакаат да ги искористат тие пари за да помогнат во обуката на војниците и да ги координираат воените резерви. Гуљас предупреди дека црвената линија – испраќање трупи на НАТО во Украина – и онака е веќе замаглена.

Унгарија е сериозно загрижена за развојот на ситуацијата и го гледа НАТО како одбранбен сојуз, а не како офанзивен, рече Гуљас. Унгарската влада смета дека војната нема воено решение, туку дека е потребен прекин на огнот.

Унгарската влада ги зеде предвид и последиците од продолжената војна врз унгарската економија. Гуљас вели дека најважната одлука ќе ја донесат Американците и дека светот ќе биде сосема друго место доколку Трамп победи. Следните шест месеци се клучни, вели тој, бидејќи во тој период ќе се одлучува кој ќе победи на претседателските избори во САД во ноември. Поради оваа причина, унгарската влада нема да поднесе амандман за трошоците до 5 ноември.

Гуљас рече и дека ставот на нивната влада во однос на НАТО е дека Унгарија треба да остане надвор од војната и смета дека Унгарија има право да ја наметне таа позиција на остатокот од НАТО, бидејќи Алијансата се заснова на едногласно одлучување.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author