eu znameee

17.04.2024 Скопје

Амбасадорите на членките на Европската унија (ЕУ) едногласно ги усвоија амандманите и измените на поглавјето 35 во пристапните преговори со Србија.

Овие измени се однесуваат на обврските за Белград произлезени од договорите со Приштина постигнати минатата година во Брисел и Охрид.

Договорот беше постигнат за време на состанокот на амбасадорите во понеделникот доцна навечер.

Во договорениот текст, меѓу другото, се наведува дека унапредувањето на преговорите на Србија за пристапување во ЕУ ќе се раководи од напредокот на Србија во подготовките за пристапување, што особено ќе се мери во однос на континуираниот ангажман на Србија во видливо и одржливо подобрување на односите со Приштина, како и другите барања содржани во точка 23 од рамката за преговори.

Во текстот се нагласува и дека Србија треба целосно да ги спроведе своите обврски кои произлегуваат од Договорот на патот кон нормализација меѓу Приштина и Белград, според неговиот Анекс за имплементација, договорен на 18 март 2023 година.

„Сите дискусии поврзани со спроведувањето на договорот ќе се одвиваат во рамките на дијалогот со поддршка на ЕУ“, се вели во договорениот текст на измените на поглавјето 35 во преговарачката рамка меѓу Брисел и Белград.

По одобрението на евроамбасадорот, Србија писмено ќе биде известена за измените на преговарачката рамка.

Со усвојувањето на овој став, обврските на Србија од Бриселскиот и Охридскиот договор стануваат составен дел од процесот на пристапување на Србија во ЕУ.

Рамката за преговори на ЕУ е основниот документ на кој се одвива процесот на преговори за членство со земјата кандидат. Поглавјето 35 во преговорите за членство на Србија ги вклучува и односите со Приштина.

Србија, заедно со Црна Гора, се смета за лидер во процесот на пристапните преговори. Сепак, поради неподдржувањето на санкциите на ЕУ против Русија, Србија нема отворено ниту едно поглавје од 2021 година.

ЕУ секогаш најавуваше дека обврските на Белград и Приштина од договорите постигнати во дијалогот ќе бидат составен дел од европскиот пат за секоја земја.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author