energetski samit

25.04.2024 Скопје

Во Неум свечено беше отворен Енергетскиот самит во Босна и Херцеговина 2024 година, кој ќе трае до 26 април.

Според организаторите, на овој самит ќе учествуваат клучните домашни и меѓународни актери, претставници на извршната и законодавната власт, енергетски експерти и претставници на бизнис заедницата.

Мајкл Марфи, амбасадорот на САД во Босна и Херцеговина, истакна дека истекува времето за Босна и Херцеговина да спроведе реформи кои се од критично значење со цел да се коригираат годините на неактивност, корупција и запоставување кои го доведоа енергетскиот сектор до тешка состојба на ранливост и дисфункција.

„Оваа земја мора да се собере околу енергетскиот сектор и тоа мора да се направи сега. Енергетскиот сектор може да биде столб на стабилна и просперитетна економија и општество. Босна и Херцеговина може да ја постигне својата безбедност пред да биде предоцна ако лидерите се посветат на итна акција, интегритетот, соработката и владеењето во кои граѓаните се на прво место, но часовникот отчукува, сега е време за акција“, рече Марфи.

Томас Фичен, амбасадор на Сојузна Република Германија во Босна и Херцеговина, изјави дека оваа земја е посветена на поддршката на Босна и Херцеговина и земјите од регионот во постигнување на климатските цели и овозможување на транзиција од фосилни горива.

„За таа цел, Владата на Германија го започна, како што ние ја нарекуваме, Регионалното климатско партнерство на Германија и шесте земји од Западен Балкан. Канцеларот Шолц ова партнерство го најави на минатогодишниот Самит во Берлин во Тирана, а нуди значителни средства – до 1,5 милијарди евра во вкупен износ до 2030 година“, рече Фичен.

Јозеф Зрзавецки, шеф на канцеларијата на Амбасадата на Чешката Република, рече дека на овогодинешниот енергетски самит во Неум имало големо учество на чешки експерти од реалниот сектор и научните кругови.

Џулијан Рајли, амбасадор на Велика Британија во Босна и Херцеговина, истакна дека со задоволство го поддржуваат Самитот за енергетика 2024 година, кој е можност да се најдат начини да се направи Босна и Херцеговина извозник на енергетска безбедност во Европа и да се заработи изобилството на природни извори на обновлива енергија.

Елмедин Конаковиќ, министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина, истакна дека е неопходно да се насочи законодавството за премин од необновливи на обновливи извори на енергија, што го смета за сериозен предизвик за властите во Босна и Херцеговина во наредниот период.

Мора да работиме активно на сите нивоа за да овозможиме подобра правна платформа за енергетската транзиција“, рече Конаковиќ.

Нермин Никшиќ, премиер на ФБиХ, рече дека енергетскиот самит ги собрал најважните актери во областа на енергетиката и претставниците на бизнис заедницата.

„Самитот е одлична можност да се разговара за клучните теми поврзани со енергетскиот сектор на Босна и Херцеговина на едно место, преку тематски панели, работилници и презентации на релевантни проекти“, рече Никшиќ.

Настанот е организиран од Владата на Соединетите Американски Држави преку Проектот на УСАИД за помош на енергетскиот сектор (УСАИД ЕПА), Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина и Канцеларијата на специјалниот претставник на Европската унија во Босна и Херцеговина, Федералната влада на Германија преку Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ), Амбасадата на Република Чешка во БиХ, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Босна и Херцеговина и Британската амбасада во Сараево.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author