30.04.2024 Скопје
Али Ахмети го прекрши правилото „победник со победник“ и сега нема право од другите да бара да го почитуваат тоа правило, освен тоа сега Вреди е претставникот на Албанците, а не ДУИ која повеќе не е чисто албанска опција, изјави Изет Меити, лидер на Демократско движење, партија од опозициската коалиција Вреди, на прес-конференција пред „обложуваницата на Артан Груби“ во Чаир.
„Фокусирани сме на програмата и победата и убедени сме дека го имаме легитимитетот на Албанците и дека ќе имаме повеќе пратеници Албанци во Собранието, со што и клучот на бадентеровиот принцип на гласање ќе биде кај нас. По 8 мај ќе седнеме да преговараме за програмските точки на Владата и усогласувања околу тоа“, рече Меџити.
На прашањето кој е главниот услов на Вреди за коалицирање во идната влада, Меџити рече дека Вреди по секоја цена нема да влезе во новата влада.
„Нема да бидеме дел од влада која нема да биде европски настроена. Гледаме дека само Левица не е европски настроена, а другите партии повеќе или помалку се за европска интеграција. Ние сме стожер и партнер и на граѓаните и на ЕУ дека Република Северна Македонија ќе се движи по евроатланскиот пат“.
Меџити даде и дополнителен коментар поврзан со т.н. принцип „победник со победник“ и нагласи дека ДУИ и од друг аспект нема право да се почитува тој веќе напуштен принцип.
„Сега, по 20 години власт, заради силата на Вреди, Али Ахмети спасот го побара кај други етнички заедници, кај Турците, Ромите, Бошњаците. Тоа е легитимно, но не може сега Ахмети да се повикува дека тој со ДУИ е албанската опција, затоа што сега само Вреди е чиста албанска опција. Прави разлика во гласови заедно со други етнички партии, а се повикува на албанство! Покрај тоа, и кај ВМРО-ДПМНЕ се застапени помалите етнички заедници. Затоа, ниеден аргумент не оди во нивен прилог и убедени сме дека на 8 мај ќе бидеме со најголем број гласови од Албанци и со најголем број пратеници Албанци.
Подготвено од М.Д.