americansko zname

01.04.2024 Скопје

Долниот дом на американскиот парламент може да гласа за доделување помош на Украина на 9 април кога конгресмените се враќаат на работа по велигденските празници, изјави синоќа Мајк Лоулер, конгресмен републиканец.

Тој кажа дека е убеден во тоа откако разговарал со Мајк Џонсон, спикер на Претставничкиот дом.

Џонсон досега одбиваше да го стави на гласање нацрт законот за воена помош на Украина и покрај притисоците како од страна на Демократската партија така и од многу републиканци.

Според Лоулер, САД се „лидери на слободниот свет“ и не можат да се оградат од „одговорноста за чување на демократијата низ целиот свет“.

Сенатот, горниот дом на Конгресот каде мнозинство се демократите, во февруари го усвои законот за воена помош на Украина, Израел и Тајван а во висина од 95 милијарди долари.

Од тие пари нешто над 60 милијарди долари се планирани за потребите на Украина. Усвојувањето на законот е закочено во Претставничкиот дом, каде тенко мнозинство имаат републиканците.

Претставничкиот дом претходно отфрли друг нацрт закон поврзан со засилување на границите на САД.

Ваквите политики се под влијание на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп кој ја критикуваше оваа иницијатива како премногу слаба.

Според многумина набљудувачи на состојбите во заднина всушност е стравот на Трамп дека донесувањето на оваа иницијатива за решавање на имигрантското прашање во САД ќе донесе политички поени во предизборието за неговиот конкурент претседателот Џо Бајден.

Критиката на имиграциската политика за време на Бајден е клучна тема во предизборната програма на Трамп.

Во својата кампања тој жестоко го обвинува актуелниот претседател дека не можел да го реши овој проблем.

Подготвено од М.Д.

About Author