Gordana-Siljanovska-3

20.04.2024 Скопје

Државната комисија за спречување на корупцијата донесе одлука со која и предлага на Академијата за судии и јавни обвинители да ја стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели до завршување на изборите.

„Се задолжува Академијата за судии и јавни обвинители започнатата постапка за прием на 130  слушатели, да ја стави во мирување до завршување на изборите за избор на претседател на државата и пратеници во Парламентот и Владата“, се вели во одлуката.

Одлуката е донесена со четири гласа „за“ и еден „против“. Против одлуката е дозволена тужба во рок од 24 часа.

Против одлуката гласаше Софија Спасова Медарска, која ги образложи причините за нејзината одлука. Како што појасни, според Уставот, судската власт е самостојна, независна и јасно одвоена од законодавната и извршната власт и согласно тоа процесите што се одвиваат во рамки на правосудството, не би смееле да се доведуваат во врска и да зависат од политичките процеси, како што е изборниот процес.

Итноста и неопходноста од нови кадри во рамки на правосудството, како што изјави таа, можат да ја проценуваат и определуваат само Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во чија надлежност е да ги следат состојбите со испразнетите места и да го определат потребниот број на слушатели кои ќе ги едуцира Академијата во секоја генерација.

Спасова Медарска се осврна и на даденото мислење од страна на претходен состав на ДКСК, од кое смета дека не треба и не може да се отстапи, затоа што, нагласи, нема суштинска разлика во состојбите.

На 6 април до Антикорупциската комисија беше доставен приговор од кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска – Давкова дека Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) спротивно на Изборниот законик, заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители.

Приговорот од Силјановска – Давкова беше  поддржан од ДКСК со образложение дека се основани изнесените сомневања за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик, по што Академијата на судии и јавни обвинители поднесе тужба која на 13 април беше разгледана и уважена од Управниот суд. По уважувањето на тужбата на АСЈО од страна на Управниот суд, приговорот беше вратен во ДКСК на повторно постапување.

Подготвеноод М.Д.

About Author