tetovo

17.04.2024 Скопје

Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, преку Фејсбук објава информира дека има поднесено претставка до Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација против Општина Тетово и градоначалникот Биљал Касами.

Во својата Фејсбук објава, Сотировски објаснува дека претставката е поднесена поради настан кој бил организиран од локалната власт со цел да се презентира идејата за реконструкција на градскиот стадион на која имаше ревијален натпревар и настап на музичари.

Сотировски смета дека тој и жителите со македонска национална припадност се дискриминирани по основ на потекло, национална припадност и јазик.

„Имено, како граѓани имаме рамноправно право за политиките, проектите и настаните на Општината во кои учествуваме преку плаќањето даноци да бидеме информирани на македонски јазик. На настанот да се чувствуваме добредојдени, нашата култура да е подеднакво претставена, покрај останатите да има изведувачи и Македонци, водителот да говори и на македонски јазик, да се виори македонското знаме и да се интонира македонската химна. На ревијалниот натпревар да учествуваат фудбалски ветерани и Македонци и да бидат удостоени и македонските фудбалски клубови“, стои во објавата на Сотировски.

Според актуелниот директор на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, постапувањето на општината е дискриминирачко и ги сегрегира граѓаните.

„Убеден сум дека големото мнозинство жители на Тетово од различна припадност се согласуваат дека градот може да оди напред само кога е пријатно место за живеење на секој еден човек. Но, мора да се согласиме дека тука има и нелуѓе, и нив мора енергично и постојано да ги разобличуваме“, напиша Сотировски на својот Фејсбук профил.

Општина Тетово на 12 април презентираше нов изглед на Градскиот стадион, а притоа градоначалникот Касами рушеше дел од трибините.

Коментирајќи ги случувањата, Сотировски, исто така, напиша: „Да се реновира стариот градски стадион изграден од гигантот ,,Тетекс” и со прилози на тетовчани треба да биде радост на целиот град и на сите спортски клубови, а не мегдан за задоволување на пубертетски квази националистички потреби на еден човек, кој создава поделба меѓу жителите на овој град. Денешниот настан без ниту еден присутен Македонец, со говор, реторика и програма кои го исклучуваат постоењето и правата на Македонците во градот се за најостра осуда. Тука живееме заедно!“.

Инаку, покрај видео презентацијата на новиот изглед на стадионот, бил изреализиран и ревијален фудбалски натпревар и настап на музичари само на албански јазик.

Во ноември 2023, Општина Тетово преку јавното претпријатие „Тетово Транспорт“ го распиша тендерот, по што договорот со фирмата се направи во март 2024 година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author