Image By vecstock

03.04.2024 Скопје

Филолошкиот факултет Блаже Конески при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје неделава ќе ја посвети на македонската литература. Во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура ќе се одржи годинешното издание на манифестацијата „Денови на македонската литература“. Со предавања на еминентни професори од земјата и од странство и со настан преку кој се обедини креативниот потенцијал на студентите од повеќе генерации, информираат од Катедрата за македонски јазик и книжевност при УКИМ.

Манифестацијата, како што велат,  ќе биде отворена на 3 април во 12 часот со предавање на проф. д-р Виолета Пирузе-Тасевска, којашто целиот свој работен век го минала на оваа катедра на Филолошкиот факултет. Предавањето ќе биде на тема „Српскиот и македонскиот книжевен романтизам“, а ќе се одржи во библиотеката за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет.

Воедно најавуваат дека на отворањето, пред присутните ќе се обратат деканот на Филолошкиот факултет, проф. д-р Владимир Мартиновски и раководителот на катедрата, проф. д-р Трајче Стамески.

Денес со почеток во 18 часот, во амфитеатарот 3 на Филолошкиот факултет ќе се одржи студентска вечер на македонската книжевност и култура „Непрочитано писмо“. Токму преку програмата на овој настан, студенти од повеќе генерации го обединија својот креативен потенцијал и подготвија програма со која преку рецитал, драматизација, музички точки и видео-проекции ќе се претстави дел од развојот на македонската книжевност и култура, со антологиски дела по нивен избор.

Вториот ден од манифестацијата, 4 април, ќе биде посветен на професори што предаваат македонска книжевност на странски универзитети. Нивните предавања во рамките на манифестацијата ќе се одржат виртуелно, преку платформата Зум.

В четврток во 10 часот предавање ќе одржи проф д-р Жељко Милановиќ  од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Нови Сад. Предавањето ќе биде на тема „Како се предава македонската книжевност на Филозофскиот факултет во Нови Сад?“. Потоа, во 11 часот, предавање ќе одржи проф др Намита Субиото  од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, на тема „Рецепцијата на расказот ’Вампир’ од Петре М. Андреевски во Словенија: од превод до адаптација во музичко-раскажувачки перформанс“.

Гостинските предавања на професорите по македонска книжевност од странските универзитети се планира да бидат и натамошна постојана практика во рамките на настаните што на Филолошкиот факултет се организираат со влог на Катедрата за македонска книжевност и култура.

Сите настани од програмата на манифестацијата „Денови на македонската литература“ се од отворен карактер. 

Подгтвено од М.Д.

About Author