tramp podeleno mislenje od naselenieto

15.04.2024 Скопје

Денеска пред окружниот суд Мехнетно во Њујорк ќе започне првото судење на американски претседател во историјата, по кривична пријава. Доналд Трамп е обвинет за фалсификување деловни документи кога и платил на порно актерката Сторми Даниелс, преку својата адвокатка, 130.000 долари за таа да не зборува јавно за нивната наводна афера.

Трамп ги отфрли сите обвинувања и ги оцени како политички мотивирани.

За што точно е обвинет Трамп?

Обвинението поднесено од обвинителот Алвин Брег го обвинува Доналд Трамп за фалсификување деловни документи во 34 точки и е прво кривично обвинение против американски претседател. Обвинителството тврди дека Трамп со фалсификувањето на овие документи всушност сакал да го прикрие своето влијание врз изборната кампања во 2016 година, односно да ја намали штетата што би била предизвикана од обелоденувањето на наводните афери.

Според обвинителството, Трамп преку тогашниот адвокат Мајкл Коен и платил 130.000 долари на порно актерката Сторми Даниелс, чие вистинско име е Стефани Клифорд, за таа да не зборува јавно за нивната наводна афера. Трамп ги покажа тие пари во деловните книги како трошоци за адвокат. Преку Коен, тој наводно договорил исплата од 150.000 долари на зајачицата на Плејбој, Карен Мекдугал, која требало да оди преку уредникот на магазинот National Enquirer.

Сето ова се случи во 2016 година кога Трамп беше во брак со Мелани, и водеше кампања за претседателската функција.

Обвинителството тврди дека парите и биле исплатени на Сторми Даниелс откако во јавноста протекоа снимките на Access Холивуд во 2016 година во кои Трамп се фалеше дека ги фаќа жените за гениталиите (кои подоцна ги опиша како „муабети во машка соблекувална“).

Тие видеа ја загрижија неговата кампања, бидејќи може да имаат лошо влијание врз жените меѓу неговите гласачи. Адвокатите на Трамп рекоа дека тој ги дал парите на Даниелс за да се поштеди себеси, неговата компанија и неговото семејство од јавниот срам, а не за да ја спаси својата кампања.

Како ќе изгледа почетокот на судењето?

Обвинението беше поднесено во март 2023 година, а почетокот на судењето беше закажано за 25 март 2024 година. Сепак, тоа постојано беше одложувано бидејќи тимот на Трамп побара повеќе време за собирање дополнителна документација.

Судењето денес, на 15 април, започнува со избор на поротата, 12 лица кои ќе одлучуваат дали Трамп е виновен за обвиненијата.

Тоа ќе биде голем предизвик за судиите, адвокатите и поротниците, бидејќи се работи за историски случај од висок профил.

„Нема сомнеж дека изборот на жирито во овој случај е единствен проблем“, вели Џошуа Стеинглас.

Проблемот е да се најдат 12 луѓе кои се непристрасни кон една од најразделните фигури во американската политика. Исто така, Трамп живеел во Менхетен со децении додека се занимавал со недвижен имот, а жирито е избрано од таму.

Судијата Хуан Меркан, сепак, вели дека „не е клучно дали некој има мислење за Трамп, туку дали може да го остави тоа мислење настрана и да донесе одлука во однос на доказите и законот“.

Инаку, Трамп доби судска забрана јавно да зборува за учесниците во оваа постапка и нивните семејства – затоа што јавно ја навреди ќерката на судијата.

Дали Трамп ќе присуствува на сослушувањето?

Не е познато дали Трамп ќе присуствува на првото рочиште, но се очекува да се појави пред судот во Њујорк во процесот додека води кампања за претседателските избори во ноември.

Неговиот поранешен адвокат и поранешна десна рака, Мајкл Коен, треба да сведочи на судењето. Коен претходно призна дека постоела шема да се исплатат Даниелс и Мекдугал.

Сторми Даниелс, исто така, рече дека очекува да биде повикана да сведочи на судењето.

Дали Трамп би можел да оди во затвор доколку биде осуден?

За фалсификување деловни документи е предвидена казна затвор од четири години.

Трамп би можел да добие помала казна бидејќи досега не е осуден, но американските медиуми посочуваат дека не му оди во прилог тоа што јавно се спротивставил на судијата и ја навредувал ќерката.

За поранешниот претседател да биде прогласен за виновен, обвинителството мора да докаже дека не само што фалсификувал деловни документи, што би било прекршок, туку дека сакал да прикрие уште едно прекршување на законот – што е кривично дело.

Дури и ако Трамп биде прогласен за виновен, па дури и ако оди во затвор, тоа формално не го дисквалификува да се кандидира за претседател. Против него се водат уште две федерални кривични случаи – за незаконско постапување со доверливи документи и обид да се свртат резултатите од изборите во 2020 година во негова корист, како и кривична постапка во Грузија за обид да се влијае на резултатите во таа држава.

Засега судењето не е започнато за ниту еден од овие случаи.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author