18.04.2024 Скопје
Во арената „Борис Трајковски“ во Скопје денеска ќе биде отворено 36. издание на Саемот на книга, кој во седумте саемски дена ќе понуди книги од домашни и странски автори од преку 60 издавачки куќи од земјава и регионот.
На официјалното отворање на Саемот на книга обраќање ќе има министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
Слоганот на манифестацијата е „Приказна се чита“.
„ Слоганот „Приказна се чита“ прави поврзаност помеѓу опцијата за објавување „стори“ (на англиски „story“, што во превод значи приказна) на социјалните мрежи со приказните кои ги бараме во литературата и кои се раскажани во нашите омилени книги. На тој начин, Саемот се обидува да испише една нова страница во постоењето, приближувајќи се до новата генерација и новиот стил на живот преку јазик и жаргон препознатлив за модерното време“, се вели во најавата за годинашното издание.
Со секоја купена редовна влезница ќе се донираат 15 денари за СОС детско село. Исто така, по повод 23 април – Светскиот ден на книгата, во СОС детско село и ДУЦОР „Партенија Зографски“ од Скопје – средно училиште за ученици со оштетен слух ќе бидат донирани по 100 книги и бесплатни годишни претплати од Boksy – изложувач на саемот, за година онлајн читање на книги.
Саемот на книга ќе биде отворен секој ден, од 10.00 до 22.00 часот. Билети можат да се најдат на влезот на Саемот.
Подготвено од М.Д.