02.04.2024 Скопје
Здружението „Сина светулка“ денеска, со повеќе активности, се вклучува во одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свесноста за аутизмот, 2 Април.
„Сина светулка“ од 15:00 до 19:00 часот, на главниот влез на East Gate Mall, ќе овозможи едукација за потребата од визуелната поддршка кај децата со аутизам и ќе им овозможи на присутните, со помош на виртуелната реалност, да погледнат од перспектива на децата со аутизам.
Здружението ќе информира и за проектните активности.
„Денес, кога зборуваме за ран третман и образование на децата и лицата со нарушувања од спектарот на аутизам, потребно е да се направаат одредени прилагодувања на програмите за работа, согласно најновите истражувања за зголемување на ефикасноста на третманот и наставата“.
Од основањето до денес, ние, заедно со голем број организации на ниво на Европа, сме влучени во реализација на проекти преку кои се креират програми, материјали за работа, модули за едукација и самоедукација на родителите, стручните лица, наставниците и воспитувачите, наведува здружението „Сина светулка“.
Втори април како Светски ден за подигнување на свесноста за аутизмот се одбележува од 2008 година, на предлог на државата Катар со одлука на Генералното собрание на ООН.
Од тогаш, во сите земји членки на овој ден се организираат настани кои имаат цел да го насочат вниманието кон нарушувањата од спектарот на аутизам и предизвиците со кои се соочуваат оваа група на граѓани и нивните семејства.
Подготвено од М.Д.