palestina vojna so izrael

03.04.2024 Скопје

Шпанскиот премиер Педро Санчез во понеделникот на новинарите им изјави дека Шпанија ќе ја признае палестинската независност до јули и ќе биде „една од четирите земји кои заедно ќе ја признаат Палестина“.

Како дел од турнејата низ Јордан, Катар и Саудиска Арабија, шпанскиот премиер Санчез потврди дека Шпанија ќе ја признае независноста на Палестина до јули. Според него, наскоро во Европската унија ќе се формира „критична маса“ на луѓе, што ќе поттикне уште повеќе земји-членки да ја признаат Палестина.

Меѓу нив е и Словенија, која на крајот на март потврди дека е подготвена да ја признае Палестина заедно со другите партнери. Покрај Шпанија, независноста на Палестина треба заеднички да ја признаат и Ирска и Малта.

На 22 март, за време на седницата на Европскиот совет, Санчез рече дека тоа ќе го направи кога „околностите се соодветни и акцијата е ефективна“.

Словенечкиот премиер Роберт Голоб истакна дека тој и неговите колеги разговарале за условите под кои може да се спроведе признавањето на Палестина.

Одлуката на четворицата ја поздрави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Тој смета дека е добра идеја ако нејзината цел е да започне процес на обновување на мировниот процес на Блискиот Исток.

Во понеделникот Санчез изрази очекување дека конфликтот во Газа ќе заврши пред европските избори на 9 јуни.

На одлуката на четворката од ЕУ Израел одговори дека нивниот план е „награда за тероризмот“ што ќе ја намали можноста за решавање на конфликтот во Газа.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author