08.04.2024 Скопје
Министерот за здравство Илир Демири честитајќи го 7 април Светскиот ден на здравјето во писмена порака истакна дека посветено работи на зајакнување на здравствениот систем. Фокусирани сме на зајакнување на превенцијата и раното откривање на заболувањата, порача Демири посочувајќи дека минатата година се воведени шест нови лекови за ретки болести а пациентите со цистична фиброза прва пат примија лек.
„Инвестираме во нова медицинска опрема, со што двојно е зголемен буџетот за оваа намена, а исто така ги подобруваме и условите во јавно здравствените установи преку реконструкции. Продолжуваме посветено да работиме и во следниот период, со цел унапредување на условите за работа на здравствените работници“, вели Демири.
Во чест на денот и претседателскиот кандидат Арбен Таравари кој по професија е доктор, имаше обраќање во Тетово.
Мислам дека треба да разговараме за тоа што можеме да направиме и што можеме да понудиме од тоа што може да се реализира. Една од работите за што треба да разговараме сериозно е за руралните средини во Македонија каде се уште нема лекари или не можат да понудат лекарски услуги.
Поголеми плати за здравствените работници и подигнување на свеста за подобра здравје за граѓаните, порача Милена Стевановиќ од СДСМ честитајќи го денот.
„Обезбедивме најмодерни лекови за многу болести кои претходно не ги лекувавме. Планот за во иднина е секој модерен лек да го добие секој оној на кој му е потребен, без ограничување и лимитирање. Добро здравство не може да има без мотивирани здравствени работници на секое ниво во нивниот ангажман“, рече Стевановиќ.
Од ВМРО-ДПМНЕ денот го искористија да ги искритикуваат досегашните политики на министрите на актуелната влада.
„Знаеме за штетите кои што на здравството и ги нанесе актуелната власт. Се потсетивме на КОВИД пандемијата, на страшниот пожар во Тетово, на профитот на Филипче од набавката на вакцини, на статусот на медицинскиот кадар и на уште многу лоши работи кои што спротивно ветуваа а не ги реализираа.“, изјави Дафина Стојановска.
Подготвено од М.Д.