PANCE TOSKOVSKI

01.04.2024 Скопје
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во работна посета на Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Идризово каде оствари работна средба со раководството на Центарот и раководството на Факултетот за безбедност.

„На средбата најпрво остваривме конструктивен работен состанок на кој се разговараше за тековните активности поврзани со реконструкција на дел од објектите од Центарот кои се во сопственост на Министерството за внатрешни работи, а во кои престојуваат и следат настава кандидатите за полициски службеници. Со раководството на Факултетот за безбедност се разговараше и за дел од објектите кои се користат од двете институции и можноста за заедничка соработка во делот на реконструкција на истите. Исто така, поразговаравме и за целокупниот систем на полициско образование во нашата држава, какви се компаративните искуства во овој дел и потребата од повторно воведување на средно полициско образование“, информираше министерот.

„По состанокот, направивме обиколка на целиот Центар, извршивме увид во тековните градежни активности, а разгледавме и неколку објекти кои претставуваат сериозен капацитет кој е неискористен и оставен на забот на времето, поради што независно од тоа што се наоѓаме во технички предизборен период, дадов насока до службите веднаш да ги преземат сите административни работи кои ги дозволува Законот во овој период со цел овие капацитети што поскоро да влезат во процедура за реконструкција и нивно ставање во функција“, додаде тој.

На крај, заеднички констатиравме дека Центарот за обука има сериозен потенцијал да прерасне во современ и европски едукативен центар кој ќе продуцира и обучува квалитетни кадри од областа на безбедноста и во кој треба и понатаму да се инвестира, како од кадровски така и од материјално-технички аспект, истакна Тошковски.

Подготвено од М.Д.

About Author