slovachka

08.04.2024 Скопје

Словачката влада ќе ги оданочи засладените безалкохолни пијалоци и ќе го зголеми данокот на тутунските производи како дел од пакетот за буџетска консолидација од 1,4 милијарди евра за 2025 година, изјави премиерот Роберт Фицо.

Фицо рече дека владејачката коалиција ќе разговара за отпуштања во државниот сектор како дел од нејзините планови, но додаде дека е против зголемување на данокот на додадена вредност.

Даноците на засладените пијалоци и тутунските производи догодина ќе бидат во вредност од околу 100 милиони евра, а во 2026 година 243 милиони евра, што е само мал дел од потребната сума.

Словачка се соочува со најголем буџетски дефицит во еврозоната, за кој се предвидува дека ќе надмине шест отсто од бруто домашниот производ /БДП/ во 2024 година, бидејќи потрошувачката скокна поради зголемените цени на енергијата и повисоките пензиски обврски.

Братислава е под зголемен притисок да почне да го намалува нивото на својот долг.

Министерот за финансии Ладислав Каменски изјави дека дефицитот ќе се намали на под три проценти од БДП, што е горната граница утврдена со правилата на ЕУ, со зголемување на даноците следната година и намалување на трошоците во вредност од еден процент од БДП, повеќе од претходно разгледани планови за 0,5 отсто годишно.

Тој додаде дека дополнителните заштеди и зголемените приходи за 2026 година вредат една и пол милијарда евра.

Меѓународниот монетарен фонд предвиде дека националниот долг на Словачка ќе порасне на 59,3 отсто од бруто домашниот производ во 2024 година, од проценетите 57,9 отсто минатата година, пред да надмине 60 отсто во наредните години.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author