19.04.2024 Скопје
Бојан Јовановски во јавноста познат како Боки 13 денес на прес-конференција пред Основниот кривичен суд Скопје рече дека бара фер, а не хистерична и брза судска постапка за случајот „Меѓународен сојуз“. Во својата изјава која е прва откако тој доби прекин на издржувањето на затворска казна за „Рекет“ поради здраствени причини тој ги спомена имињата на поранешната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, на поранешниот премиер Никола Груевски, на ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, на бизнисменот Орце Камчев… Јовановски за „Рекет“ е осуден на затвор од 9 години, но вели за него овој случај не е решен, а парите, над милион евра кои беа дел од оваа постапка и кои никогаш не беа најдени, Боки 13 тврди дека Русковска и Камчев знаат знаат каде се.
„Меѓународен сојуз е укинат и се надевам и барам само фер судска постапка. Јас моментално сум лице кое е правосилно осудено, но кое доби прекин на издржување на затворската казна поради здраствени причини. Не сакам мојот изглед да биде злоупотребен и јавноста да зборува дека не ми е ништо, туку за моето лошо здравје јас имам целосна документација. Имам индикации дека најверојатно ќе треба да се прави уште некоја интервенција и вакво нешто не посакувам никому“, нагласи Јовановски.
За него случајот „Рекет“ не е расчистен , иако тој има правосилна судска пресуда.
„Рекет не е расчистен, јавноста мора да дознае што се случувало. Зоран Заев тврди дека знаел за Рекет во смисла дека го бранел законот. Заев беше човекот кој комуницираше дирекно со овие лица и беше човек од позиција на моќ кој можел да влијае, тој е се само не човек кој го бранел законот. Заев изврши влијание за Јордан Камчев да го добие пасошот назад и за тоа имам докази. А за парите од „Рекет“ Русковска и Камчев знаат каде се. Русковска со овој предмет си направо себепромоција. Таа прво тврдеше дека парите се во мојот дом, па потоа сум ги потрошил на мојата телевизија 1 ТВ, за на крај да каже дека се потрошени на гардеробата која сум ја носел, а ми беше запленета. Тоа се три различни изјави. Русковска зборуваше онака како ќе и се погодеше денот, а не со аргументи.“, додаде Боки 13.
Во изјавата го спомена и Зоран Милевски Кичеец кој беше дел од „Рекет“, но кој призна вина и доби условна казна.
„Зоран Милевски призна вина и го отвори патот за осудителна пресуда. Да го прашање Кичеец денес што признал, тој нема да знае што признал. „Рекет“ не е јасен случај. За овој случај стоеше политичка контелација и тоа се лица кои и денес имаат позиција на моќ и функција“, дополни Јовановски
Тој рече дека иако е цивилен граѓанин, сепак му се судело за службено дејствие. Се спореди со Мијалков и Груевски кои биле судени исто така за член 359 од КЗ, но како што рече тие двајца биле судени како службени лица, а тој суден исто за службено дејствие, но како цивилен граѓанин.
Подготвено од М.Д.