17.04.2024 Скопје
Во релативно краток рок во Република Северна Македонија започнаа со работа двете големи класични казина во кои рачно се делат карти со крупие. Од минатиот викенд официјално започна со работа „Адмирал Казино“ во хотелот „Лимак“ во Скопје, а од оваа недела вратите ги отвори и „Апекс“ во хотелот „Луксор“ кај граничниот премин Блаце.
„Адмирал“ ја доби лиценцата од Владата, односно од Министерството за финансии, минатиот месец, додека од април дозвола за работа има и „Апекс“.
„Апекс“ покрај 317-те автомати за игри на среќа и електронски рулет, има и седум маси за жива игра со рулет и осум маси за жива игра со карти. „Адмирал“ има 181 автомат за игри на среќа, пет маси за блек џек и пет маси за американски рулет.
Казината треба на буџетот да му исплатат еднократен износ за лиценцата во висина од 600.000 евра, да исплаќаат 20 отсто од разликата помеѓу уплатениот и исплатениот износ од автоматите, како и да плаќаат од 1.725 до 3.000 евра по маса за играње на месечно ниво. Плус, 3 отсто од разликата помеѓу уплатата и исплатата треба да се исплати на сметка на Министерството за здравство.
„Апекс“ е во сопственост на компаниите „Бетеилигунгск-унд Консултинг“, „Апекс Холдинг“, „Унио Бетеилигунгс Австрија“ и „Калл Максс“. „Гранд Адмирал Казино“ е основано од „ВВЦ Груп“, „Антлантис Холдинг“ и „СБА Холдинг“., но подоцна приматот го превзема добропознатиот „Новоматик“ преку „Ројал Игл“.
Новоматик преку „Макотен“ го поседува казиното „Фламинго“ на граничниот премин Богородица, како и казиното во хотелот „Мериот“ во Скопје. Од останатите популарни казина во земјата, тука е уште и „Принцес хотел и казино“ на Богородица во Гевгелија.
Овие казина, како и другите, треба да прикажат и одржуваат основна главнина од 2,5 милиони евра за да можат да работат.
Подготвено од М.Д.