KORPA SO PRODUKTI

16.04.2024 Скопје

Производите со 5  и 10 отсто ДДВ,  но и домашните традиционални продукти пиво, вино и ракија да  бидат со ограничена профитна  маржа. Ова е предлогот од Сојузот на стопански комори откако направиле увид на листата со над 2.600 производи за кои министерот за економија Бектеши смета дека треба да бидат со маржа до 10 проценти.

Предлогот на ССК е различен од оној на нивните колеги од Стопанска комора, од која пак сметаат дека со ограничена маржа треба да бидат само производите со 5 отсто ДДВ.

Двете комори веќе пратиле и допис до Министерството за економија. Се чека уште оној од Северзападната комора.

Иако, официјално документ не пратиле, од таму  соопштија дека и нивниот став е ист како оној на Стопанска комора, но напоменуваат повеќе да не се замрзнуваат  цените,  затоа што тоа не е принцип по кој функционира слободниот пазар на понудата и побарувачката.

Од вкупно 2.636 производи кои се на списокот, над 1.000 се со ДДВ до 10 отсто. Пред извесно време министерот Бектеши  оваа листа на продукти,  ја достави до сите комори, но и до Организацијата на потрошувачи. На списокот има млечни производи, месо, овошје, зеленчук пијалаци и друго.

Министерството чека да ги прибере предлозите од сите засегнати страни и до крајот на мај официјално ќе биде објавен списокот на продукти кои ќе бидат со ограничени маржи до 10 отсто.

Паралелно треба да стапи на сила и Законот за нефер трговски практики, кој се очекува да стави крај на проблемите со цените кои дивеат веќе подолго време.

Потегот за ограничување на маржите дојде откако се укина мерката  со која цените на дел од производите извесен период беа под мраз, по што дојде до поскапување.

Пред неколку дена и од Светска банка оценија дека замрзнувањето на цените не е мерка која може да се користи на долг рок.

Подготвено од М.Д.

About Author