10.04.2024 Скопје
Пристапот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кон војната во Газа е „погрешен“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.
„Мислам дека тоа што тој го прави е погрешно. Не се согласувам со неговиот пристап“, рече Бајден.
Тој апелираше до израелските власти „само да повикаат“ на прекин на огнот во траење од шест до осум недели и да овозможат целосен пристап до хуманитарната помош наменета за населението во Газа зафатена од војна.
Бајден, исто така, рече дека во разговорите со лидерите на земјите од регионот, „од Саудијците до Јорданците до Египќаните“, добил уверување дека тие се подготвени да започнат со испорака на помош и дека е неопходно „да се направи тоа сега“.
Американскиот претседател, исто така, претходно го нарече израелското бомбардирање на Газа „недискриминирачко“, а неговите воени дејствија „претерани“.
Белата куќа минатата недела објави дека Бајден во разговор со Нетанјаху се заканил дека американската поддршка за израелската офанзива ќе ја условува со преземање конкретни чекори за заштита на хуманитарните работници и цивилите.
Повикот уследи по израелскиот воздушен напад во кој загинаа седум работници на хуманитарна помош од организацијата Светска централна кујна.
Подготвено од А.Ѓ.