18.04.2024 Скопје
Градската управа на Амстердам планира драстично да го намали бројот на речни крстаречки бродови на кои ќе им биде дозволено да се закотвуваат во самиот град. Во рок од пет години бројот на вакви пловни објекти ќе се преполови, соопшти градската управа.
Градските власти проценуваат дека, како резултат на тоа, околу 270.000 туристи помалку ќе го посетуваат Амстердам секоја година. Од 2028 година, во Амстердам ќе можат да се закотвуваат максимум 1.150 бродови годишно, што е голема разлика во однос на 2023 година, кога се закотвиле 2.125 бродови со околу 500.000 патници.
Градските власти се надеваат дека овој потег, покрај намалениот број посетители, ќе влијае и на намаленото загадување на воздухот.
„Поради големиот број туристи, нивните ноќевања во градот, патувањата со автобус и зголемената испорака, крстарењата по реки придонесуваат за метеж и создавање на зголемени издувни гасови во градот“, се вели во соопштението на градските власти и се додава дека многу туристите ја минуваат ноќта во еден од хотелите во Амстердам пред и по крстарењето.
Тоа е последната во низата мерки на главниот град на Холандија против масовниот туризам. Минатата година Амстердам одлучи да го забрани влезот на големите бродови за крстарење и донесе одредба терминалот да се премести надвор од градот.
Подготвено од А.Ѓ.