dubai poplavi 17

17.04.2024 Скопје

Дубаи беше поплавен, а аеродромот во тој град во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) беше затворен откако градот забележа рекордно количество врнежи од дожд во текот на 24 часа што вообичаено се забележува во текот на една година.

„Emirates Airlines“ ги прекина летовите од Дубаи од утрово до полноќ на 18 април поради неповолните временски услови, а меѓународниот аеродром во градот ги советува патниците да не доаѓаат на аеродромот освен ако не е апсолутно неопходно поради невидените поплави што ги погодија Обединетите Арапски Емирати.

Аеродромот во Дубаи соопшти дека летовите сè уште доцнат и пренасочуваат и дека аеродромот прави максимални напори за да ги обнови летовите што е можно поскоро.

Емирати ерлајнс соопшти дека ќе продолжи да ги спроведува процедурите за патниците кои пристигнуваат во Дубаи, како и за транзитните патници.

Летовите беа пренасочени во вторникот вечерта, откако аеродромот во Дубаи беше делумно потопен.

Во вторникот во рок од 24 часа наврнаа повеќе од 120 милиметри дожд на метар квадратен, а се очекува да продолжи да врне.

Обилни дождови и силни ветрови ги погодија ОАЕ, Бахреин и Оман, каде во неделата и понеделникот во поплавите загинаа 18 лица.

Во Дубаи училиштата се затворени, спортските настани се откажани, а трговските центри во градот претрпеа сериозни оштетувања, како и некои патишта.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author