KRUME KEPESKI

08.04.2024 Скопје

Доследно на традицијата која ја установија претходниците, професорот Круме Кепески се заложуваше да се отелотвори духовноста на нашиот јазик. Појдуваше од премисата дека колку што говорот го открива човекот, во исто време, јазикот го искажува идентитетот на народот, односно дека јазикот е духовност.

Во таа смисла ќе рече: „Тоа што е направено со составувањето на првата граматика на македонскиот јазик претставува санкционирање на една објективна јазична ситуација и култура, која ја создаваа Македонците низ вековите. Оттука е погрешно и злонамерно кога се тврди дека еден јазик може да биде создаден само заради тоа што постои напишана граматика, или што тоа некој го бара од поинакви мотиви“. Онака како што, ако некој во некоја работа дејствува, тој ќе биде заинтересиран не само воопшто, туку и непосредно, за професорот Круме Кепески македонскиот литературен јазик потребно е да ја следи најдобрата јазична традиција. И, за да може да се оствари можноста за убав и чист македонски јазик, е потребно да опстои на ширина целокупното македонско јазично богатство: македонското народно творештво, македонската уметничка литература и говорната културна стварност. Во создавањето на јазичните форми и речнички решенија, се заложува за критичен однос кон актуелната јазична ситуација. Целта која треба да се постигне е надминувањето на хипостатичката состојба, надминување на отстапувањата. Решенијата кои се соответни појдуваат од коренот на јазикот, како своевидно резиме на минатото, но прифатливи за сегашноста. За да се остварат ваквите барања, јазикот е потребно да се ослободи од инструментализација, конвенционалност, рутинско фразерство, лажен академизам, градејќи го да искажува содржина, духовност.

Методолошкиот пристап на Круме Кепески, ако резимираме, претставуваше внесување научна содржина во практичното, како творечки чин во развојот на македонскиот литературен јазик. А во таа насока животната определба професорот Круме Кепески самиот ја објаснил, велејќи: „Целиот труд и енергија сум ги посветил на јазикот и на народот“.

Паралелно, на различни начини се вложува во подигнувањето на јавниот углед на нашиот јазик. Во таа смисла тој беше агилен промотор на македонскиот литературен јазик. Делуваше, речиси, за секого поединечно и секаде, затоа што, како суштествена, за јавниот углед на нашиот јазик, ја сметаше говорната култура на поединците: нивната артикулација, прецизност, интонација, дикција и акцентска коректност.

Подготвено од М.Д.

About Author