21.03.2024 Скопје
Птиците црцорат, топлото сонце ја гали кожата, цветовите пупат. Пролетта е тука, природата се буди, но вие само сакате да спиете? Од тоа чувство, познато како пролетен замор, можете да се ослободите со здрав начин на живот, велат експертите.
Не сите се еуфорични поради доаѓањето на потоплите денови и пролетта, која официјално пристигнува утре. Некои страдаат од летаргија, безволност и чувство на постојан замор.
Со првите денови од пролетта, наместо да имаат повеќе енергија и да се чувствуваат подобро и поодморено, некои луѓе доживуваат проблеми во вид на замор и летаргија.
„Тоа е во основа процес на прилагодување на телото на променливата сезона“, вели психијатарот и психотерапевт Криста Рот-Сакенхајм, потпретседател на Професионалното здружение на германски психијатри.
Нашето тело е во режим на заштеда на енергија во зима. Бидејќи обично поминуваме помалку време надвор во зима, помалку сончева светлина паѓа на нашата кожа и мрежницата, предизвикувајќи нашиот мозок да ослободува повеќе мелатонин – „хормонот за спиење“.
„Некои експерти велат дека ова е остаток од хибернација“, вели Рот-Сакенхајм.
Состојбата кога телото се прилагодува на временските промени, повисока температура на воздухот и подолги денови по зимата со проширување на крвните садови и опаѓање на притисокот, се манифестира со чувство на слабост, поспаност, слаба концентрација, раздразливост, депресија, главоболка и побрз замор.
Хелмут Шац, член на извршниот комитет на Германското здружение за ендокринологија, тврди дека всушност не станува збор за „пролетен замор“, туку дека лачењето на мелатонин се менува поради движењето на часовникот напред.
Без оглед на тоа што се крие зад постојаниот пролетен замор, Рох-Сакенхајм вели дека здравиот начин на живот е најдобриот противотров. Таа ве советува да поминувате повеќе време надвор, да вежбате, да пиете повеќе течности и да се држите подалеку од слатки, да консумирате што помалку бел шеќер.
Шац препорачува спортување, пешачење и поминување време во природа, па во тој случај нема потреба да се зема витамин Д како додаток во исхраната.
Пролетниот замор подеднакво ги погодува и луѓето од двата пола и сите возрасни групи, а проблеми може да имаат и совршено здравите луѓе како и оние кои страдаат од некои хронични болести. Проблемите предизвикани од оваа состојба потсетуваат на депресија, бидејќи во текот на зимата се намалува лачењето на серотонин, невротрансмитерот одговорен за доброто расположение, па ова е една од причините зошто луѓето се чувствуваат безволно и меланхолично во пролет. Кај повеќето луѓе со вакви симптоми, тоа не е вистинска депресија, иако постои некаква поврзаност на хемиско ниво.
Исто така, не треба да се мешаат пролетниот и хроничниот замор. Хроничниот замор не е поврзан со сезоната и трае многу подолго од пролетниот замор кој исчезнува по неколку недели и не бара третман. Доволно е здрава исхрана, доволно течности, физичка активност, редовен сон и престој на свеж воздух.
Подготвено од А.Ѓ.