https://www.facebook.com/photo.php?fbid=3108994326017589&set=pb.100007211555008.-2207520000..&type=3

04.03.2024 Скопје

Доцнењето на Западот во испораката на оружје во Украина ги чини Украинците животи, рече претседателот на Украина, Володимир Зеленски, тврдејќи дека има доволно оружје и системи за противвоздушна одбрана, но тие не пристигнуваат навреме во Украина.

„Светот знае дека може да се спротивстави на теророт. Доцнењето на испораката, за жал, доведува до загуби, до фактот дека списокот на деца чии животи ги зема Русија постојано расте“, рече Зеленски во врска со рускиот ракетен напад врз Одеса, во кој загинаа цивили, вклучително и деца.

Зборувајќи за ситуацијата на фронтот, каде Русија доби супериорна позиција во последните неколку недели со заземањето на неколку важни украински утврдувања, Зеленски рече дека новиот началник на Генералштабот на украинските вооружени сили има „карт бланш“ за сите кадровски промени во армијата и штабовите, додавајќи дека очекува негови конкретни предлози за натамошни промени и планирани активности.

Во ноќта од саботата кон неделата руската армија уништила 38 украински беспилотни летала над Крим, соопшти Министерството за одбрана на Русија.

Претходно Министерството соопшти дека се уништени четири украински беспилотни летала над регионот на Белгород и еден над Ленинградската област, додека мостот на Крим бил затворен за сообраќај два часа.

Од почетокот на нападот на Украина во февруари 2022 година, Русија речиси секојдневно најавува напади со украински беспилотни летала на границата и централните области, како и на Крим.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author