05.03.2024 Скопје
Министерството за економија заедно со Стопанската комора и Организацијата на потрошувачи веќе ја договараат листата на овие производи која ќе биде објавена како правилник откако ќе се изгласа во Собрание законот за нефер трговски практики и ќе биде објавен во Службен весник. Тогаш сите овие производи нема да може да имаат маржа повисока од 10 проценти, а трговците ако сакаат можат да ја спуштат и подолу од овој процент.
Овој закон денес ќе биде ставен на Комисијата за европски прашања, во среда на законодавно-правна, потоа ќе се гласа на пленарна седница. Законот е заглавен во законодавниот дом од крајот на минатата година кога влезе во собраниска процедура.
Надлежните одлучија да ги укинат мерките за цените, односно од пред два дена дел од прехранбените производи повеќе не се со гарантирана цена. Откако падна оваа мерка дел од трговците ги качија цените. Но, од денот кога гарантираната мерка повеќе не е на сила трговците ретко кој може да ги казнува.
Пазарен повеќе нема надлежност. Освен да прави контроли не може да делува, Комисијата за заштита на конкуренцијата не постапува по допрен глас освен по доставена молба, а и процесот за да се докаже дека има картелско договарање на цените е долг. Законот за нефер трговски практики не е донесен, па се поставува прашањето дали повторно им се остава простор на трговците да си играат со цените?
Подготвено од М.Д.