14.03.2024.Скопје
Вчера во Собранието беше усвоен Законот за гаранција на Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот за регионална гасификација, кој ќе се склучи меѓу Номагас и Европската банка за обнова и развој, соопштија од Министерството за финансии. Државата ја заокружи финансиската конструкција за реализација на проектот за изградба на Гасен интерконектор со Грција со обезбедување 98,6 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
„Проектот за регионална гасификација е од стратешко значење. Обезбедува сигурност во снабдувањето и диверзификација на изворите на снабдување, а со тоа ја зголемува и енергетска независност. Дополнително влијание ќе има и врз обезбедувањето забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните“, вели министерот за финансии Фатмир Бесими и додава дека станува збор за еден од најприоритетните проекти за земјата, како и за регионот и дека тој е поддржан од сите релевантни европски институции.
Тој додаде дека ова е дел од инвестицискиот пакет за реализација на крупни инфраструктурни проекти во наредниот период, како во патната, железничката инфраструктура, енергетиката…
За реализација на проектот се обезбедени 28,9 милиони евра заем од Европската инвестициска банка (ЕИБ), грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан -БВИФ во износ од 12,7 милиони евра и од ЕБОР 98,6 милиони евра.
Со проектот е опфатена изградба на интерконекторот со Грција долг 66 километри и двете делници, Гостивар-Кичево долга 34 километри и делницата Свети Николе-Велес долга 28 километри.
Подготвено од М.Д.