18.03.2024 Скопје
Националниот парк Шар Планина ја забрани употребата на моторните возила ратраци со кои приватни компании превезуваа скијачи до пределите на планината каде што има повеќе снег. Употребата на ратраците во услови кога на планината има многу малку снег или воопшто го нема предизвикува големи штети на планинските пасишта и на другата вегетација, а со тоа и уништување на природата. Поради тоа, НП Шар Планина ја оцени употребата на ратраците како една од потенцијално најголемите закани за заштитеното подрачје и неопходно е да се регулира нивното движење.
„Република Северна Македонија е единствената држава во Европа во која може да се практикува скијање со ратраци во национален парк или популарно фри рајд скијање. Зборуваме за дејност која на Шар Планина нерегулирано се одвива веќе 15 години и тоа од еден-два ратраци на почетокот, сега ги има 27, од кои на дневна основа 8-10 ратраци пренесуваат туристи многу подлабоко во планината, надвор од скијачкиот центар Попова Шапка. Движењето на овие возила надвор од предвидените патеки прави трајни оштетувања на природата и живиот свет, при што се загрозува нивниот опстанок, се нагрдува пејзажот и се вознемируваат другите љубители на природата. При топењето на снегот станува сè повидливо декa на високопланинските пасишта многу површини се изорани, а по искази на овчарите, на местата каде што поминале овие машини овците веќе не пасат“, соопштуваат од Управата на Националниот парк.
За непочитување на оваа одлука предвидени се прекршочни санкции, за правни лица од 9.000 до 140.000 евра во денарска противвредност и за одговорното лице на правното лице во износ од 500 до 7.000 евра во денарска противвредност, во зависност од големината на субјектот и прекршокот, а за физички лица се предвидени казни во висина од 300 до 450 евра, во зависност од прекршокот.
Наспроти ова, сопствениците на ратраците кои носат скијачи на повисоките предели на планината велат дека против нив неправедно се води хајка, при што се обвинуваат дека се движат надвор од предвидените патеки.
Експертите за зимски спортови не гледаат добронамерно на употребата на ратраци за носење скијачи на повисоките терени. Велат дека овие возила не треба да се користат за оваа намена бидејќи предизвикуваат големи штети на природата.
Подготвено од М.Д.