vuchikj

01.03.2024 Скопје

„Србија нема потпишано никакви договори со претседателот на Украина за соработка во однос на оружје и муниција“, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Претседателот на Србија, на прес-конференција за време на вториот ден од престојот во Тирана, рече дека на вчерашниот Самит Украина-Југоисточна Европа, Србија не потпишала никакви аранжмани и договори со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за соработка во врска со оружје и муниција.

„Не, ние не потпишавме никакви договори со претседателот Зеленски. Ние го поддржуваме територијалниот интегритет на Украина, а тие го поддржуваат територијалниот интегритет на Србија. И ние сме им длабоко благодарни. Двете земји ги поддржуваат прописите на Повелбата на ОН и резолуциите на ОН, кои се темел и основа на меѓународното јавно право“, рече Вучиќ.

Новинар од странски медиум побара од Вучиќ да коментира како во средата во Тирана ја потпишал Декларацијата со која се осудува руската агресија врз Украина, а во исто време рекол дека Србија нема да воведува санкции кон Руската Федерација и зошто Србија ќе одржи таков „хибриден став“ кон Украина и Русија, како и дали потпишал некакви конкретни договори со претседателот Зеленски во врска со оружје или муниција.

Зборувајќи за односот на српските власти кон Русија, Вучиќ истакна дека тоа не е „хибридна позиција“, туку многу јасен став на слободна земја која носи свои одлуки, за себе и за доброто на својот народ. Вучиќ потсети дека Србија била под санкции речиси една деценија и дека многу добро знае како функционирала.

„И да, ние го зазедовме нашиот став, кој не е лесен, единствен во цела Европа. И ние сме многу горди на тоа. Ние не ве критикуваме вас, вашата земја или која било друга земја за вашите ставови, за застапување поинаков став. Но, лесно ми е да ги побијам сите тврдења дека тоа го правиме поради, не знам, некои теории на заговор или што и да е“, рече Вучиќ.

Тој посочи дека тоа е многу рационален и многу прагматичен пристапот на Србија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author