20.03.2024 Скопје
Водата не е ресурс што живите суштества го имаат во неограничени количини и потребно е што поскоро да се започне со штедење и рационално користење, беше речено во Бања Лука на одбележувањето на Светскиот ден на водата и Светскиот ден на метеорологијата.
Маринко Врањиќ, раководител на Секторот за стратешко планирање и одржлив развој во секторот води во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Српска, истакна дека водата е најважниот ресурс за човештвото и дека најголемата закана на тој ресурс доаѓа во форма на климатски промени.
„Република Српска оправдано се смета за област со исклучително богати водни ресурси, но тоа доведе до одредена практика на неодговорни и нерационални пристапи кон потрошувачката на вода“, рече Врањиќ.
Тој додаде дека согласно климатските промени и проекциите веќе може да се забележат одредени недостатоци, бидејќи од година во година се бележат историски минимални нивоа на површински и подземни води.
Горан Трбиќ, климатолог на Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Бања Лука, истакна дека е важно да се укаже на климатските промени и последиците што тие ги носат со себе, како што се климатските екстреми.
„Последната година забележавме дека просечната температура на воздухот е зголемена за повеќе од 1,5 степени, па затоа е неопходно да се преземат чекори за запирање на понатамошниот раст“, рече Трбиќ.
Тој, исто така, предупреди на зголемениот број на климатски екстреми, и негативното влијание на климатските промени врз сите социо-економски сектори, како и предвидувањата дека ќе се влошат, доколку луѓето не преземат конкретни чекори за зачувување на животната средина и климата.
Директорот на Републичкиот хидрометеоролошки завод Дарко Боројевиќ рече дека не треба да се биде експерт во областа на климатологијата за да се забележат негативните климатски промени кои се зголемуваат.
„Мора да ја подигнеме свеста кај луѓето дека со своите постапки можат и треба значително да придонесат за намалување на овие негативни ефекти, како и ефектите. Сите можеме рационално да ја користиме водата, да не фрламе ѓубре таму каде што не е наменето, како и да менуваме други лоши навики“, рече тој.
Подготвено од А.Ѓ.