https://www.flickr.com/photos/39966206@N02/15102591784/in/photolist-p1yJnw-2n3dKtt-2mRGZiH-2iZCWaW-2g6K6z8-2jDiU4M-21vX5by-Gxadnh-2jWJRfo-2dHN1Ro-29SUnyp-PCRBWX-2jGRWKU-2i9BCLA-2mWwP8A-S4byCV-2h9f16p-2i5Gmnw-2iQUQan-2hh7kMr-2jGFb7f-QRCQqY-2j8haiF-av7Ux4-QciX7c-2nmJ55E-bebfeX-2nBgrgv-2iqcNfC-hupsNv-24UZq52-23726SY-2msMMfQ-rAueeA-2kKmku4-2fvyLgT-2mh7bN6-2nL8XxZ-2j2TYtS-2jJ424o-2kYuR3C-2n184G9-fA37JE-2Fhhyv-2j1UGNy-2mcbpAr-2erDHU3-2dHtZgN-2ekmY3y-2f42iYR

21.03.2024 Скопје

Според најновиот извештај на „Ај-кју-ејр“, само седум земји ги исполнуваат меѓународните стандарди за квалитет на воздухот, додека смртоносното загадување на воздухот се влошува поради обновувањето на економската активност и токсичните ефекти од чадот од шумските пожари.

„Ај-кју-ејр“ е швајцарска организација за квалитет на воздухот која црпи податоци од повеќе од 30.000 мерни станици низ светот.

Во извештајот се наведува дека од 134 земји и региони само седум, Австралија, Естонија, Финска, Гренада, Исланд, Маврициус и Нов Зеланд, ги исполнуваат упатствата на Светската здравствена организација за ситни честички во воздухот што ги испуштаат автомобилите, камионите и индустријата.

Мнозинството земји не го исполнуваат стандардот за PM2,5, вид микроскопски честички помали од широчината на човечко влакно, кои при вдишување може да предизвикаат огромен број здравствени проблеми и смртни случаи.

Извештајот на „Ај-кју-ејр“ покажа дека иако воздухот во светот е генерално многу почист отколку што беше во поголемиот дел од минатиот век, сè уште има места каде што нивото на загадување е особено опасно. Најзагадената земја, Пакистан, има нивоа на ПМ2,5 14 пати повисоки од стандардот на СЗО, а следните најзагадени земји се Индија, Таџикистан и Буркина Фасо.

Но, дури и во богатите земји кои брзо се развиваат, загрозен е напредокот во намалувањето на загадувањето на воздухот. Канада, која долго време се сметаше за една од земјите со најчист воздух во западниот свет, стана најлоша за PM2,5 минатата година поради рекордните шумски пожари што ја опустошија земјата, испраќајќи токсични честички низ целата земја и во САД.

Во меѓувреме, во Кина подобрувањето на квалитетот на воздухот минатата година беше попречено од закрепнувањето на економската активност по ковид-пандемијата, а извештајот покажа зголемување од 6,5 отсто на нивоата на ПМ2,5.

Се проценува дека загадувањето на воздухот убива околу 7 милиони луѓе во светот секоја година, што е повеќе од сидата и маларијата заедно, а товарот најмногу се чувствува во земјите во развој кои се потпираат на нечисти горива за греење, осветлување и готвење.

Најзагаденото урбано подрачје во светот минатата година беше Бегусараи во Индија, покажа шестиот годишен извештај на „Ај-кју-ејр“, а Индија е дом на четири од најзагадените градови во светот. Сепак, голем дел од светот во развој, особено земјите во Африка, немаат сигурни мерења за квалитетот на воздухот.

СЗО ги намали своите насоки за „безбедни“ нивоа на PM2,5 во 2021 година на пет микрограми на кубен метар, а според таа мерка многу земји, како оние во Европа кои значително го исчистија воздухот во последните 20 години, не ги задоволуваат критериумите.

Но, дури и овие построги упатства можеби нема целосно да го решат ризикот од загадувањето на воздухот. Истражувањето објавено минатиот месец од американски научници покажа дека не постои безбедно ниво на PM2,5, а дури и најниската изложеност е поврзана со зголемени хоспитализации за состојби како што се срцеви заболувања и астма.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author