19.03.2024 Скопје
Еврозоната забележа суфицит од 11,4 милијарди евра во стоковната размена со остатокот од светот во јануари, објави Евростат на својата веб-страница.
Организацијата потсетува дека во јануари 2023 година еврозоната забележала дефицит во стоковната трговија од 32,6 милијарди евра.
Вредноста на извозот на стоки од еврозоната во остатокот од светот во јануари 2024 година изнесува 225,9 милијарди евра, што претставува зголемување од 1,3 отсто на годишно ниво.
Зголемен е извозот од еврозоната во САД, Јапонија и Швајцарија, а пад е забележан во Русија, Кина и Норвешка.
Вредноста на увозот на стоки е намалена за 16,1 отсто на годишно ниво на 214,5 милијарди евра, а првенствено паднал увозот од Кина, Швајцарија, САД и Норвешка.
Во 2023 година, еврозоната забележа вкупен трговски суфицит од 64 милијарди евра.
Во јануари Европската унија забележа суфицит од 6,2 милијарди евра во стоковната размена со остатокот од светот.
Вредноста на извозот на ЕУ во јануари 2024 година изнесува 198,7 милијарди евра, а вредноста на увозот во Европската унија 192,4 милијарди евра.
Во 2023 година, Европската унија забележа вкупен трговски суфицит од 38 милијарди евра.
Подготвено од А.Ѓ.