18.03.2024 Скопје
На полноќ истекува рокот за увид во Избирачкиот список како и за пријавување на гласачите во дијаспората. Граѓаните уште денеска можат да се проверат и доколку е потребно да побараат промена, запишување или бришење на своите податоци од Избирачкиот список за претстојните претседателски и парламентарни избори.
Од Државната изборна комисија апелираат граѓаните да извршат проверка и доколку има потреба да побараат промена.
Според податоците на ДИК, заклучно со 14 март во подрачните одделенија и канцеларии на Комисијата, увид во своите податоци во Избирачкиот список направиле 4859 лица. Седум лица поднеле барање за промена на своите податоци, 19 лица поднеле барање за запишување на своите податоци и пет лица поднеле барање за бришење на податоци во Избирачкиот список.
Согласно последните измени во Изборниот законик, за изборите што ќе се одржат оваа година избирачите ќе можат да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите. – Доколку ја земеме временската рамка, ова би значело дека на претседателските избори на 24 април граѓаните, односно гласачите би можеле да се идентификуваат секако со важечки лични документи, меѓутоа и со лични документи, лична карта или пасош чија што важност истекла почнувајќи од 24 јули 2023 година за претседателските избори, додека за парламентарните избори ќе може да се идентификуваат гласачите со важечки лични документи, или лични документи – лична карта или патна исправа која по кој било основ истекла во периодот од 8 август 2023 година заклучно со 8 мај 2024 година, појасни Гугучевска минатата недела на прес-конференција во ДИК.
Подготвено од М.Д.