06.03.2024 Скопје
Опојниот мирис на најпопуларниот пијалок во светот и кофеинот што го содржи се најдобриот начин да го започнете денот. Или можеби не?
Станување од кревет, сопнување во кујната, правење кафе, одење во бања, пиење на првата голтка кафе – и дури тогаш многумина од нас всушност почнуваат да се будат. Овој пијалок е еден од најпопуларните во светот со причина, но треба да го знаете времето и мерката за да функционира во наша корист.
Студијата објавена во дигиталното издание на библиотеката на Американскиот национален институт за медицина покажа дека кафето на празен стомак, особено кај жените, лошо влијае на здравјето.
Поради природниот биолошки ритам, нивото на кортизол во организмот е највисоко наутро кога се будиме, а најниско навечер кога спиеме.
„Пиењето кафе рано наутро, кога нивото на кортизол е највисоко, ги нарушува хормоните во телото и го нарушува деноноќниот ритам. Кортизолот лошо влијае на овулацијата, хормоналната рамнотежа и тежината“, објаснува нутриционистот и лекар Карлин Розенблум.
„Конзумирањето кофеин кога нивото на кортизол е највисоко стимулира зголемено лачење на кортизол. Иако сè уште не е објаснето зошто се случува тоа, веруваме дека има врска со ефектот на кафето врз одредени витамини и минерали во телото”, заклучува д-р Розенблум и предупредува: „Кортизолот, како и сите други хормони, е неопходен за функционирањето на телото, но проблемот настанува кога сме постојано под стрес и кога телото постојано го лачи. Тоа може да доведе до зголемено ниво на шеќер во крвта и отпорност на инсулин. Покрај тоа, ќе поттикне дополнително лачење на кортизол, кафето на празен стомак може да предизвика дигестивни проблеми и да го зголеми нивото на желудочна киселина. Доколку имате стомачни проблеми, добро е да знаете дека ладното кафе е 70% помалку кисело од топлото“.
Кога да го испиете првото утринско кафе?
Ако станувате околу седум наутро, најдобро е првото кафе да го испиете помеѓу 9:30 и пладне – кога нивото на кортизол е природно ниско. Секако, важно е да се јаде пред тоа.
Со оглед на киселоста на кафето, добро е за појадок да има храна богата со калциум како бадеми, јогурт или чиа семе, кои ја неутрализираат киселоста, советува Розенблум. Ако пиете кафе во ова време, ќе го добиете потребниот поттик и енергија.
Подготвено од А.Ѓ.