01.03.2024 Скопје
Најновите трендови и резултати од истражувањата за употребата на канабисот во медицински цели беше тема на вчерашниот едукативен настан. Во рамките на настанот домашни и странски експерти, покрај презентацијата на најновите истражувања кој во повеќе земји се во напредна фаза, зборуваа и за досегашните клинички искуства од третманот на пациенти во различни медицински области.
Едукативниот настан го отвори претседателот на Македонската ревматолошка асоцијација, м-р д-р Мимоза Николовска Котевска, а е поддржан од Реплек АД Скопје, прва компанија во земјава која почна со производство на препарати кои содржат екстракти од канабис (CBD/THC). Доцент д-р Филип Гучев од Универзитетската клиника за ревматологија во рамките на своето стручно излагање се фокусираше на клиничката употреба на екстракти од канабис во третманот на ревматолошките болести. За употребата на препарати со екстракти од канабис (CBD/THC) во третман на онколошки пациенти зборуваше д-р Милан Ристески, кој има долгогодишно искуство во клиничката онкологија, а бил дел од истражување во областа, а има објавено и низа трудови за унапредување на онколошката нега.
Во рамките на едукативниот настан свое излагање имаше и доктор Силвиу Брил, директор на Институтот за третман на болка во Тел Авив во Израел. Брил е копретседател на работната група за медицина базирана на канабис и претседател на работната група за онколошка болка на Европската федерација за болка.
Реплек АД Скопје е пионер во производството на медицински препарати кои содржат екстракти од канабис на домашниот пазар, правејќи ги достапни и за македонските пациенти. Во своето портфолио компанијата има производи кои содржат различни концентрации на CBD и THC, со што се овозможува поширока примена во третманот на различни здравствени состојби.
Во рамките на настанот експертите ги изложија најновите научни истражувања и резултати добиени во рамките на клиничката пракса , при третман на хронична болка од различно потекло и улогата на производите кои содржат екстракт од медицински канабис (CBD и THC). Канабиноидите, активните соединенија во канабисот, делуваат преку ендоканабиноидниот систем на телото, кој игра улога во регулирањето на перцепцијата на болката. Терапевтските својства на канабисот се признаени од многу регулаторни тела, вклучувајќи ја и Американската агенција за храна и лекови (FDA).
Подготвено од М.Д.