20.03.2024 Скопје
Ќе се воведат ли полиграфи како превентивна мерка за спречување на можна корупција? Корупцијата е главен фактор за сивата економија, а подмитени службени лица на границите може да бидат и закана по безбедноста доколку пропуштаат дрога или оружје, смета националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров.
Предлогот предвидува полиграфот да се спроведува еднаш годишно задолжително за секој кој работи на ризично работно место на граница и со помош на овој систем ќе се улови доколку некој земал мито, посочуваат полиграфистите, кои гарантираат висок процент на точност, а доколку службеникот падне на тестот, ќе биде отстранет од работното место.
И останатите учесници во денешната јавна дебата сметаат дека со помош на овој систем, сите што се лојални и работат согласно правилата на работење, не треба да стравуваат за своето работно место, но велат дека треба да се види и кои се причините за корупција, како и што е она што го мотивира коруптивното однесување.
Инаку, јавните дебати во пет сесии треба да завршат до средината на следниот месец и Националниот координативен центар за гранично управување да достави извештај до Владата. Доколку Владата го усвои, тогаш извештајот ќе биде пратен во Собранието.
Подготвено од М.Д.