11.03.2024 Скопје
Според извештајот објавен од Агенцијата за деца на Обединетите Нации (УНИЦЕФ), повеќе од 230 милиони жени и девојчиња биле подложени на отстранување на гениталиите, од кои мнозинство живеат во Африка.
Во извештајот на УНИЦЕФ објавен на Меѓународниот ден на жената се наведува дека во последните осум години, околу 30 милиони жени и девојчиња биле подложени на процедура во која нивните надворешни гениталии биле делумно или целосно отстранети.
Процентот на жени и девојчиња кои се подложени на сечење на гениталиите се намалува, соопшти УНИЦЕФ, но предупреди дека напорите за искоренување на оваа практика се премногу бавни за да бидат во чекор со рапидно растечката популација.
Оваа практика, за која погрешно се верува дека ја контролира женската сексуалност, може да предизвика сериозно крварење, па дури и смрт. Девојките се подложуваат на оваа процедура кога се многу млади или како адолесценти.
На долг рок, тоа може да доведе до инфекции на уринарниот тракт, менструални проблеми, болка, намалено сексуално задоволство и компликации по породувањето, како и депресија, ниска самодоверба и посттрауматско стресно нарушување.
„Гледаме и загрижувачки тренд на повеќе девојчиња да бидат подложени на оваа практика како деца, многумина пред нивниот петти роденден. Ова дополнително ја намалува можноста за интервенирање“, рече извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.
Само во Африка, околу 144 милиони жени и девојчиња се изложени на практика на осакатување на гениталиите, а потоа следат Азија и Блискиот Исток со 80 милиони и шест милиони, соодветно, според извештајот.
Сомалија е на врвот на листата на земји каде што е распространета практиката, позната и како женско обрежување, со 99 отсто од женската популација на возраст меѓу 15 и 49 години.
Буркина Фасо постигна најзначаен напредок, намалувајќи го процентот на жени на возраст меѓу 15 и 49 години на кои им биле отстранети гениталиите од 80 проценти на 30 проценти во последните три децении.
Подготвено од А.Ѓ.