07.03.2024 Скопје
Според извештајот на BirdLife Cyprus, повеќе од 400.000 птици песнопојки беа фатени и убиени на Кипар минатата есен, како дел од неодамнешниот пораст на криминалот во дивиот свет.
Мрежите за организиран криминал користат мамки и звучници кои свират птичја песна за да ги намамат овие мали птици, вклучувајќи ги и омилените градинарски птици, како што се робинки и врапчиња, да се гнездат во грмушки или овоштарници, каде што се фатени со мрежи или гранки покриени со лепак. Тие потоа се продаваат на „црните“ пазари на ресторани за да се подготви локално јадење наречено „амбелопулија“ – маринирани, печени на скара или варени птици песнопојки.
Извештајот, составен од организацијата Bird Life Cyprus, со поддршка на организацијата за заштита на птици RSPB и Комитетот против убивање птици (CABS), покажува дека само во текот на есента 2023 година на овој начин биле убиени 435.000 птици.
Додека бројот на уловени птици опаѓа во изминатата деценија, минатата година е забележан пораст од 90.000 во споредба со 2022 година. Мартин Хеликар, директор на организацијата Bird Life Cyprus, рече дека и покрај многу добриот напредок постигнат во последниве години, оваа есен беше потсетник дека тоа може брзо да се промени.
Во 1974 година на Кипар беше забрането ловењето на птици песнопојки за човечка исхрана, но тоа се уште се случува во огромни размери.
Подготвено од А.Ѓ.