08.03.2024 Скопје
Врховниот суд на САД закажа сослушување на 25 април за аргументот на Доналд Трамп дека претседателскиот имунитет го штити од гонење по обвиненијата поврзани со обиди да го поништи неговиот изборен пораз во 2020 година.
Судот го објави ажурираниот календар на седници една недела откако се согласи да го разгледа овој случај и практично да му стави „ветер на грб“ на поранешниот американски претседател со прекинување на кривичната постапка.
Таа постапка беше иницирана од специјалниот советник Џек Смит, кој беше назначен да го истражува и потенцијално да го гони Трамп во случај на сомневање за прекршок, бидејќи постапката вклучува конфликт на интереси за редовните судски власти.
Врховниот суд претходно најави дека ќе ги разгледа тврдењата на Трамп, но не одреди точен датум за сослушувањето.
Судиите на Врховниот суд ќе ги разгледаат и причините поради кои понискиот суд го одби барањето на Трамп за имунитет од гонење за дејствијата насочени кон поништување на изборната победа на Џо Бајден.
Трамп, првиот поранешен претседател на САД кој се соочи со кривична пријава, е подготвен да стане кандидат на Републиканската партија на следните претседателски избори во САД на 5 ноември.
Подготвено од А.Ѓ.