07.03.2024 Скопје
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го предизвика актуелниот американски претседател Џо Бајден на ТВ дебата „во секое време, каде било“.
Најверојатниот републикански кандидат за претседателска номинација додаде дека го поканува Бајден, најверојатниот ривал од редовите на демократите на изборите во ноември 2024 година, на дебата, во секое време, каде било, на кое било место.
Повикот на Трамп дојде неколку часа откако неговата последна ривалка Ники Хејли се откажа од трката за републиканска номинација за Белата куќа.
„Важно е, за доброто на нашата земја, Џо Бајден и јас да разговараме за прашања кои се толку важни за Америка и американскиот народ“, напиша Трамп на својата мрежа „Truth Social“.
Изборниот штаб на Бајден не кажа дали тој ќе учествува во дебатата со Трамп, но му предложи на републиканскиот кандидат „ако е толку очаен да го види претседателот Бајден во ударниот термин, не мора да чека“ и може да го гледа претседателското обраќање до Конгресот вечерва за состојбата на нацијата.
Трамп беше жестоко критикуван откако одби да учествува во ТВ дебати со неговите републикански ривали за номинацијата на партијата за Белата куќа овој изборен циклус.
Бајден и Трамп ги постигнаа очекуваните победи на партиските избори во Супер вторник и речиси е сигурно дека двајцата, како и пред четири години, повторно ќе ги одмерат силите во борбата за место во Белата куќа.
Подготвено од А.Ѓ.