21.03.2024 Скопје
Градоначалникот на Општина Карпош, лидер на ГРОМ и претседателски кандидат на партијата Стевчо Јакимовски денеска до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе кривична пријава против непознат сторител во врска со ставањето на неговото име на „црната листа“ на американскиот Стејт департмент.
Тој изјави дека бара да се спроведе истрага и дека е подготвен да одговара пред кој било истражен орган вклучувајќи ги и тие на Соединетите Американски Држави (САД) и посочи дека има граѓани во земјава без да ги посочи нивните имиња, за кои смета дека се одговорни, како што вели, за целата подготовка околу оваа операција за нивно директно вмешување во изборната трка за претседател на државата.
„Јас сум човек со достоинство, со чест. Достоинството на еден човек чини онолку колку што е подготвен да го плати. Јас сум спремен да платам и највисока цена, но нема да попуштам пред неправдата и пред сите оние што се организирале за да направат нечесна игра и грубо мешање во изборот на претседател во Република Северна Македонија и ќе истраат максимално. Поднесов кривична пријава против непознат сторител сторител до ОЈО ГОКК и во исто време побарав средба во Обвинителството. Имам да им соопштам одредени сознанија кои јас ги имам. Во исто време стојам на располагање за што било да разговараме“, рече Јакимовски.
Тој е убеден, како што вели, дека сето ова не произлегува ниту од истражните органи ниту од претставници на Американската амбасада и официјалната американска политика.
„Ова е од македонски кодоши кои што се впуштени во овие нечесни игри и кои цело време суфлираат кој е тој што треба да се најде на црна листа без при тоа да има какви било истраги и докази, туку по наратив кој што тие ќе го создадат во јавноста дека овој или оној е криминалец“, вели Јакимовски.
На прашањето дека против него веќе постои обвинение и судење кое поради измените на Кривичниот законик се враќа на повторно судење, Јакимовски вели има обвинение, но има и сведок, кој, како што вели, е подготвен да сведочи за подготовката за неговото апсење, за договорите кои биле вршени на највисоко ниво во државата.
Подготвено од М.Д.