14.03.2024 Скопје
Судијата во постапката против Доналд Трамп и другите обвинети за поткопување на изборите во американската држава Џорџија, отфрли некои делови од обвинението, се наведува во судското досие.
Отфрлајќи шест дела од кривичното обвинение против Трамп и другите обвинети, судијата на округот Фултон, Скот Мекафи, образложи дека наводите на обвинителството не се доволно детално објаснети.
Отфрлените делови од обвинението вклучуваат и три точки против Трамп, републиканскиот претседателски кандидат на изборите во ноември 2024 година.
Централниот дел од обвинението поврзан со рекетирање не беше отфрлен и го товари и Трамп и другите кои учествувале во наводните криминални активности.
Одлуката на Мекафи беше донесена пред судискиот совет да одлучи дали да ја дисквалификува обвинителката од округот Фултон, Фани Вилис, поради романтична врска со адвокатот што го најмила да го води случајот.
Подготвено од А.Ѓ.