pari

14.03.2024 Скопје

Владеење на правото и јасна и прецизна регулатива се основни предуслови за поволна бизнис клима, креирање нови работни места, инвестиции и поголем економски раст. Оттука, Стопанската комора апелира до сите надлежни институции носењето на законски решенија да се реализира низ транспарентна процедура и во широка консултација со бизнис заедницата и со сите други засегнати страни, реагираат од комората во однос на законите со кои застаруваат долговите на граѓаните.

Во соопштението испратено до јавноста оттаму велат дека тоа е единствениот начин кој ќе овозможи законската рамка да биде соодветна и да овозможува правна рамка која ќе ги штити и интересите на заедницата, вклучувајќи го и бизнис секторот, како нејзин највитален и нераскинлив дел.

„Измените на Законот за облигациони односи и Законот за извршна постапка кои беа донесени минатата година се исклучително штетни за компаниите и за граѓаните. Законските измени со кои се предвидува бришење на долговите постари од 10 години, креираат правна несигурност и директно влијаат негативно врз целокупната бизнис клима. Имено, едно од основните начела на бизнисот е гаранцијата за наплатување на побарувањата кои произлегуваат од деловните активности. Дополнително на тоа, ваквата правна рамка која создава финансиска несигурност и ги штити должниците наместо доверителите, не се практикува во ниеден друг правен систем, во било која земја во светот. Со оваа регулатива се погодени сите сектори во земјава, без исклучок. Кај дел од компаниите со овие законски измени се генерираат загуби по основ на отпис на долгови и по неколку милиони евра, што ќе се одрази негативно врз натамошното работење, а ќе влијае и врз зголемувањето на цените на услугите“, велат од Стопанската комора.

Од комората велат дека со оглед дека овие законски решенија создаваат финансиски загуби за македонските компании, Стопанската комора е во отворен дијалог со сите релевантни институции за изнаоѓање на соодветно решение кое нема да биде на штета на било која страна.

Подготвено од М.Д.

About Author