25.03.2024 Скопје
Архиепископот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија г. г. Стефан испрати телеграма со сочувство до неговата светост, патријархот Московски и на цела Русија, г.г. Кирил за загинатите во терористички напад во концертната сала „Крокус сити холл“ во близина на Москва.
„Ваша светост, длабоко сме нажалени од веста за грозоморниот терористички напад во концертната сала „Крокус сити холл“ во близина на Москва каде животот го загубија многу невини луѓе помеѓу кои и деца. Сострадувајќи со болката на семејствата на постраданите, од Свое, како и од името на клирот и на верниот народ на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, искажуваме најискрено сочувство, молејќи се за спасение на душите на починатите, а на повредените им посакуваме побрзо закрепнување“, се посочува во телеграмата.
Вооружени напаѓачи во петокот вечерта влегле во концертната сала во Красногорск, кај Москва, и почнале да пукаат кон посетителите, а потоа фрлиле запаливи средства, што предизвикало пожар. Бројот на жртвите достигна 137, а меѓу нив има и три деца.
Подготвено од М.Д.