15.03.2024 Скопје
Хаос и безредие владее на паркингот на Клиничкиот центар во Скопје и во сите околни улици. Паркингот е премал за да ги собере сите возила на вработените и пациентите, па сите внатрешни улици се блокирани со непрописно паркирани коли. Секој ден од 8 до 14 часот колони возила стојат, нервозни возачи свират, а пациентите умираат уште во колите на Брзата помош, пред самиот влез на Клиничкиот центар, бидејќи се заглавени во сообраќајниот хаос.
Зафатена со паркирани коли е и посебната лента за Брзата помош од влезот на паркингот на улицата Водњанска до Ургентниот центар. Таа беше направена пред три години, за да може Брзата помош која носи итни пациенти во Ургентен центар да не заглавува во гужвите туку итно да стаса до болницата. Но, сега тоа не е можно бидејќи лентата е претворена во паркинг, па Брзата помош мора да се пробива по лентата заедно со другите возила.
Патеките за движење на пациентите кои не само пеш туку и со колички и болнички кревети се пренесуваат од една на друга клиника, се зафатени со непрописно паркирани коли. Коли има на тротоарите каде се искршени столпчињата, во зеленилото па дури и пред влезовите на самите клиники. Вработените, кои се јавуваат во ЈП „Градски паркинг“ да испрати пајак за да ги ослободи барем влезовите на клиниките, се жалат дека од таму им било речено оти скопското јавно претријатие не е надлежно да испраќа пајак во кругот на Клиничкиот центар.
Ексминистерот за здравство Фатмир Меџити кога стапи на функција, на брифинг со новинарите рече дека прво ќе се фати за решавање на хаосот со паркирањето на Клиничкиот центар. Но, додека беше на функција ништо не се презеде.
Не се знае колкава е дневната фрекфенција на паркирани возила и колкава е заработката само од овој паркинг. Од „ЈП Градски паркинг“ не може да се добие изјава. Градоначалничката на Скопје Данела Арсовскашто им забранила на директорите на сите градски претпријатија да комуницираат со медиуми и им наредила да ги игнорираат новинарите.
Подготвено од М.Д.