gaza pojas

19.03.2024 Скопје

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, на брифинг со новинарите изјави дека големата израелска копнена операција во Рафах би била грешка.

Саливан нагласи дека таквата операција на израелските сили ќе предизвика смрт на уште повеќе невини цивили, ќе ја влоши и онака страшната хуманитарна криза, ќе ја продлабочи анархијата во Газа и дополнително ќе го изолира Израел на меѓународно ниво.

„Но, уште поважно, клучните цели што Израел сака да ги постигне во Рафах може да се постигнат преку други средства“, рече Саливан, откривајќи дека американскиот претседател Џо Бајден побарал од Нетанјаху за време на телефонскиот разговор со израелскиот премиер да испрати меѓуагенциски тим во Вашингтон за да се одреди алтернативен пристап кој ќе ги таргетира клучните позиции на Хамас во Рафах и ќе ја обезбеди границата Египет-Газа без голема копнена инвазија.

Саливан потврди дека Нетанјаху има свое мислење за операцијата Рафах, но се согласил да испрати меѓуагенциски тим во Вашингтон за да разговара за ова прашање.

САД претходно посочија дека би можеле да ја поддржат операцијата во Рафах, под услов Израел да претстави веродостоен план за тоа како ќе ги заштити повеќе од еден милион цивили засолнети во јужниот град на Газа.

Нетанјаху рече дека ИД ќе ги евакуира цивилите во областа северно од Рафах пред почетокот на операцијата, но американскиот претседател Бајден изјави претходно овој месец дека израелската офанзива на Рафах ќе биде „црвена линија“, додавајќи дека „ не може да дозволи уште 30.000 палестински цивили да настрадаат поради пресметката со Хамас“.

Саливан потсети дека повеќе од еден милион луѓе кои побегнале од другите градови во Појасот Газа сега се во Рафах.

„Тие немаат каде да одат на друго место. Другите големи градови во Газа се во голема мера уништени, а Израел не ни претстави ни на нас, ниту на светот, план за тоа како или каде овие цивили ќе бидат безбедно преместени. Уште помалку е познато кој на тие луѓе им обезбеди храна и засолниште“, нагласи Саливан за време на брифингот со новинарите.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author