01.03.2024 Скопје
Учениците ги разбираат можностите што ги нуди дигитализацијата, но 43,5 проценти од испитаниците во анкета како најголем предизвик во дигиталната трансформација ги гледаат зачестените сајбер-напади.
Аналитика тинк-тенк вчера презентираше резултати од истражување спроведувано седум месеци кое опфатило 313 ученици, со примена на анкетен прашалник со 25 прашања.
Анкетирани биле ученици од три средни скопски училишта, гимназиите Никола Карев и Георги Димитров во Карпош и средното стручно училиште Шаип Јусуф во Шуто Оризари.
Како што истакна Маја Христовска, проектен експерт од Аналитика, еден од резултатите е дека 51 процент од младите биле жртви на сајбер-напади.
„Генерално, станува збор за сајбер-булинг. Во истражувањето се покажа дека голем дел од училиштата спроведуваат интерни кампањи и учениците се доволно едуцирани дека треба да побараат помош. Најмногу помош бараат од родителите и од стручните служби, меѓутоа голем процент од учениците бараат помош и од нивните соученици“, рече Христовска на завршната конференција од проектот ‘Унапредување на знаењата и вештините кај младите за примена на мерките за сајбер-безбедност и придобивките од дигитализацијата’ имплементиран од Аналитика и финансиски поддржан од Фондација Отворено општество.
Случаите на сајбер-насилство биле различни, еден дел од учениците биле жртви од надворешна страна, од предатори, а некои се жртви од нивни соученици.
„Сметаме дека недостигаат одредени програми во училиштата кои би содржеле теми од областа на сајбер-безбедност односно цениме дека треба малку да се унапредат програмите со вакви теми, а исто така целокупниот образовен процес потребно е да образува ученици кои ќе бидат дигитално флуентни и ќе можат подобро да се снајдат во дигиталната ера“, нагласи Христовска.
Според неа, најдобро е учениците најпрво помош да побараат во училиштата, да се обратат кај нивните класни раководители или кај стручните служби, а и кај родителите.
Во рамки на проектот е воспоставен и концептот на врсничка едукација и во трите училишта се основани формални врснички клубови за едукација каде што учениците врснички едукатори во иднина ќе спроведуваат акции за да ги мобилизираат и другите ученици да се вклучат во кампањата за справување со насилството.
Препораки за примена на мерките за поголема сајбер-безбедност во интернет-просторот се дадени и во едукативниот прирачник, објавен во рамки на овој проект и промовиран денеска, но Христовска смета дека и училиштата имаат прецизни протоколи како да се справат со видовите насилство.
Прирачникот е наменет за наставници, ученици и родители и идејата е тој да биде ресурсен материјал во училиштата.
Во таа насока се обучени и 15 професори за унапредување на училишните програми со теми од сајбер-безбедност, обуучени се и 15 врснички едукатори, а исто така дизајнирана е и ставена во функција мобилна апликација со едукативен и информативен карактер.
Подготвено од М.Д.