26.03.2024 Скопје
Заменик-министерката за здравство Маја Манолева, беше во посета на Центарот за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација – Скопје, каде што за првпат беше имплементирана програма за рехабилитациски третман на децата со нарушување од аутистичен спектар, сензорни дисфункции и други комбинирани развојни нарушувања.
Со тоа, како што соопшти Министерството за здравство, првпат во државата се започна со структуриран мултидисциплинарен третман на децата со нарушување од аутистичен спектар.
„Како што ме информираше директорката Силвана Филипова, унапредени се условите со опремени сензорна соба, снузленд соба, кабинет за ВАТ терапија, кабинет за АРТ терапија, а исто така се опремија и четири логопедски кабинети за спроведување на оваа програма, што воедно претставуваше и прв организиран мултидисциплинарен пристап во третманот на децата со нарушување од аутистичен спектар во државата“, се наведува во писмената изјава на Манолева.
Како што појаснуваат од МЗ, Центарот работи и според програма за рана интервенција на деца со развојни нарушувања до три години, каде е реализирана едукација за примена на „Hanen program – It takes two to talk“ за родителите на деца со доцнење во говорно јазичниот развој. За таа цел, додаваат од Министерството, се опреми кабинет за рана интервенција, структуриран за спроведување индивидуален, групен и советодавен третман, што можат да го следат родителите без да го реметат рехабилитацискиот третман.
„Министерството за здравство, изминативе години, значително вложува во набавка на опрема за здравствените установи, конкретно за овој центар е набавен софтвер за спроведување ЕЕГ неурофидбек третманот со што се подобрува функционирањето на установата. Со донација на Министерството, во моментот се реновира и кабинетот за аудиометрија“, пишува во изјавата на Манолева.
Подготвено од М.Д.