riba pojas hrvatska

05.03.2024 Скопје

Хрватскиот институт за океанографија и рибарство соопшти дека четири примероци на појасната риба /Regalecus glesne/ се пронајдени во текот на зимата во Јадранското Море.

Станува збор за, како што наведоа, џин меѓу рибите, најдолгата коскена риба на светот која може да достигне осум и повеќе метри.

„Без разлика на нејзината големина, интересно е тоа што средбите со овој вид риба се исклучително ретки. Тоа најдобро го отсликува фактот што, пред неодамнешните наоди, оваа риба била забележана само три пати во Јадранот, што значи дека во изминатите неколку месеци го зголемивме бројот на познати наоди повеќе од двојно“, велат од Институтот.

Од Институтот посочуваат дека се регистрирани само 60-тина средби со овој вид риба во целиот Медитеран, најмногу во неговиот западен дел.

„Рибата Појас го поминува својот живот во водениот столб каде што се храни со планктонски организми, помали риби и цефалоподи. Тоа најчесто го прави со пасивно „пловење“ во вертикална положба. Поради ваквиот начин на живот, оваа риба е тешко да се забележи со нуркање, а нема риболовен алат што лесно може да го фати“, додаваат од Институтот.

Најчестите средби со оваа риба се токму поради тоа, кога поради некоја причина се насукани на брегот.

„Дури три неодамна пронајдени единки беа пронајдени на брегот, додека една единка во преодна ларвистичка фаза беше забележана жива. Медитеранските наоди, како и нашите Јадрански, не беа риби блиску до нивната максимална должина“, додаваат од Институтот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author