DZAFERI I SILVESTRI

26.03.2024 Скопје

Премиерот Талат Џафери денеска имаше средба со амбасадорот на Италија во земјава Андреа Силвестри, на која е истакнато големото и искрено пријателство помеѓу двете земји создадено во 30-те години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу државите, соопшти владината прес-служба.

Џафери и Силвестри констатираа дека Република Северна Македонија и Италија имаат високо развиени билатерални односи и се доверливи партнери во НАТО Алијансата. Италијанската Република, како што беше посочено, е силен и голем поддржувач на Република Северна Македонија во сите демократски и реформски процеси. Посебно се потенцираше значајната улога на Италијанската Република во евроинтеграциите на Западен Балкан и конкретно на Северна Македонија во ефикасен процес, каква што поддршка добива нашата земја.

Исто така, покрај политичките, одбранбените и културните односи, се констатираше дека се развиваат и економските односи, кои бележат тренд на унапредување, со оглед дека Италија е меѓу 10-те најголеми трговски и инвестициски партнери на Република Северна Македонија.

Џафери се заблагодари за Монографијата, издадена по повод 30 години дипломатски односи меѓу Италијанската Република и Република Северна Македонија, квалификувајќи ја како драгоцено сведоштво за идните генерации, за длабокото и продуктивно пријателство меѓу државите во регионот и во европски контекст, се наведува во соопштението од прес-службата на Владата.

На средбата стана збор и за претстојните двојни избори во земјава.

Џафери и Силвести оценија дека претседателските и парламентарните избори се исклучително важни, со оглед на потребата да се потврди европската ориентација на Северна Македонија, како за квалитетот на живот на граѓаните во државата, така и за стабилноста на Западен Балкан, а со тоа и на Европа.

Подготвено од М.Д.

About Author